Планинарска тура: Ниже Поле – Големо езеро – Врв Ветерница (Национален парк „Пелистер“)

КРАТОК ОПИС НА ТУРАТА

Турата започнува во близина на ски центарот Ниже поле на надморска висина од 1.360 метри. Следејќи совршено обликувана планинска линија, патувањето во пријатно темпо достигнува до највисоките предели на Националниот парк Пелистер, обезбедувајќи духовна наслада како компензација за првите капки пот на вашето чело. По 3 часа уживање, тишина што годи и исполнува, свеж ветер и чист воздух, патеката стигнува до врвот Ветерница на 2.240м.н.в. Ветерница го нуди најдобриот поглед од Баба Планина кон сите страни на светот: на југоисток – Планината Олимп, на југозапад – Преспанското Езеро, на запад Националниот Парк Галичица, на северозапад – Планината Јабланица и на север Пелагониските полиња.

Поглед кон Ниже Поле од патеката за Големо езеро, по познатиот Дебел рид

Попатен поглед кон Бабин заб, каршилакот на Ветерница и околните врвови како Неолица, Скроково и другите

Панорамска раскошна глетка кон Ниже Поле при искачување и слегување по Дебел рид, на пат кон Големо езеро и Ветерница

Петопрсната молика, симболот на Национален парк „Пелистер“ и Баба Планина

Откако планинарите ќе ги наполнат нивните резерви со оптимизам и убавина, турата започнува да се спушта кон Големо Езеро лоцирано на 2.200 м.н.в кое пречекува планинари уште од ледено доба. По блиската средба со најубавото од Мајката Природа, турата продолжува преку Дебел Рид кон селото Ниже Поле, обезбедувајќи им на планинарите пејсажи од Пелагониската котлина кои го одземаат здивот.

Цветен тепих кон Ветерница

Уживање во искачувањето на југо-источната страна на Ветерница

Попатно изворче под Ветерница – животворна стерна

Остатоци од Првата светска војна во непосредна близина на Ветерница

Оваа тура нуди неповторливо искуство за сите рекреативци, спортски ентузијасти, експерти за биодиверзитет и сите трагачи по возбуда. Турата целосно се простира низ Националниот Парк Пелистер и истата обезбедува дирекна средба со неговиот богат биодиверзитет, флора, фауна како и со неговото обемно културно историско наследство. Еден дел од патеката го следи таканаречениот “Француски пат” – изграден и користен за време на Првата Светска Војна.

Ѕвездено небо над Големо езеро

Раѓање на денот – изгрејсонце над Големо езеро

Изгревни импресии – утринската сончевина го облагородува опкружувањето на Големо езеро

Парче убавина од Големо езеро

На платото кај Ветерница

Утрински импресии на Ветерница

Импресивен поглед кон Преспа и Преспанско езеро, со Галичица во позадина – Ветреница нуди раскошни панорами

Водичката екипа на Ветерница

Големо езеро – созерцателна тишина за духовно смирение

Зимско-пролетно лице на импресивното Големо езеро

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ

Должина: 16 км/8 часа

Почетна точка: викенд населба Ниже поле 1.360 м.н.в

Највисока точка: Врв Ветерница 2.420 м.н.в

Завршна точка:  село Ниже Поле 1.130 м.н.в

Позитивна денивелација: 1.060 Д+

Тежина на турата: среднo-тешка

 

ТУРАТА ВКЛУЧУВА

Професионален водич

Традиционална македонска закуска на 2.200 метри надморска висина

Текст: Рубин Николоски

Фотографии: Александар Еленин

1,561 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *