Врвична сакралност: Светото тројство на „Шарската круна“

Искусните велат, на планина не се оди со гордост и желба за освојување туку со скромност и манири на добар гостин.

Со такво убедување и таков нарав во раните часови од едно саботно предобденување дел од екипата на „Единак“ ја започна својата авантура за еднодневна прошетка по убавицата Шара. Трите часа возење од Прилеп до Попова Шапка беа повеќе од доволни за зголемување на и онака големата желба за времена разделба од бетонот, асфалтот, па и луѓето. Кафенце и сендвич на Стража, поздрав со Вардар кај Вруток, огромни ментални напори по тесните кривини над Тетово и конечно – Попова Шапка.

Шапка околу 6 часот изутрина

Првото нешто што ни падна на памет а го кажавме полугласно: Да не стигнавме многу рано, уште е некако темно? И токму умствено се подготвивме дека ќе треба да се вадат челни ламби, добивме поздрав од зад грб, од првите зраци на сончевиот изгрев. Опремата ставена, ранците и чевлите затегнати, погледите насочени кон околните падини а мислите малку потаму.

Изгрејсонцен обден на Церипашина

Иницијациско искушување на стрмната Церипашина

Како што беше претходно договорено, линијата на движење е Церипашина- Антени – Бакардан –Титов Врв. Идејата да го качиме и Мал Турчин се наметна спонтано па така и беше прифатена, нормално ако постојат услови. Почнуваме да движиме кон сртот Церипашина следејќи ги столбовите на жичарата, најпрво на угорнината поминуваме три, па после на рамното уште два и ете го малото стражарско куќарче. Мала пауза и консолидација и продолжуваме кон следната дестинација – Антени. Додека ги коментираме трагите на ратракот и околните убавини на масивот, стигнуваме таму и веќе пред нас се покажува вториот дел од патеката и крајната дестинација издигната длабоко во средето на планината.

Газење кон Антени

Снежна поетика на Антени

Малку црно-бела епика

Ги поминуваме старите познаници, Казани, и со фина доза на возбуда тргнуваме кон првиот врв на круната повисок од 2.700 мнв – Бакардан. Претходно му оддаваме должна почит и полниме резерви на шеќер и вода. Хемијата (нутриционистичка) и адреналинот си го прават своето и за триесетина минути сме веќе горе, спремни за фотографирање.

Мотив од Казани со Голем Турчин во позадина

Тандемскиот тим на Антени

Спуст и кинис кон Бакардан

Предизвикувачката стрмнина на Бакардан

Врвичен опул на светото тројство на Шарската круна – Бакардан лево, Титов врв десно, среде Малиот Турчин

Многу уживање, малку консултации и почнуваме да слегуваме по прилично стрмен каменест сипар. Малку каменест, малку подмрзнат, не остави без зборови затоа што муабет и стабилен чекор не одат рака под рака. Освестени дека сето ова треба да се помине и во обратна насока, цврсто решаваме дека менуваме првичен план и враќањето кон Попова Шапка ќе го правиме по вакуфската патека (абе оти да не ја напрајме кружна, поинтересно е така кажано по прилепски).

Бакардан – мистично молчалив

Раскошниот Бориславец

Фантастична глетка на целиот корабски масив

Тандемот на Бакардан

Човек станува помудар со секој изминат ден, а на планина тоа се случува интензивира некако побрзо. Од седлото под врвот ја почнуваме последата поголема нагорнина и по 30-тина мунити си кажуваме здраво-живо со кулата подигната на 2.747 м.н.в., односно со гордиот Титов Врв. Радости, воздишки, издишки, себепофалби, понекоја СМС, а на крајот тишина и молчелива восхит кон убавината на природата, особено на оваа природа овде.

Стрмен и незгоден спуст од Бакардан кон седлото со Титов врв

Камено тројство – епски чувар на врвичната Шарска круна

Човекот е мал, планината е огромна

Пристигнување на Голем Турчин

Кулата на Титов врв

Вертикална врвична сихнронизација

Тимот на Титов врв

Главната поддршка да се оди и на Мал Турчин стигна лично од сонцето. Околу пладне се вклучи на тројка, ветрот го стави на пауза и ни дозволи да се запознаеме и со третата круна на 2.704 мнв. Наоколу гледаме траги од турно скијачи и на непознатите јунаци искрено им честитаме на храброста. Се сликаме на врвот и полека почнуваме да се враќаме назад. Го заобиколуваме Бакардан и се упатуваме по вакуфската изохипсна траса. Питома патека, но прилично долга (или барем нас така ни се виде?). Попатно се прашуваме како ли изгледа да се качуваш во обратен правец – благи угорнини кои немаат крај, иако искачивме тројно повеќе и тројно пострмни делови. Си ветуваме дека ќе го провериме и тоа ама во некоја наредна прилика, во некоја наредна зима.

Човечката маленкост и понизност кон планината го градат цврстиот дух и карактер

Импресии пред Мал Турчин

Вечниот дијалог на врвичното братство – Мал Турчин со Титов врв

И нашата скромна опстојба и врвична настројба на Мал Турчин

Ја поминуваме и последната падина и пред нас се отвора добропознатиот урбан дел на Попова Шапка. Внесени во муабетот, полусвесно го напуштаме шумскиот пат и типично аматерски решаваме да кратиме до паркингот од каде што тргнавме. Наивно, а сепак и некако свесно (оти да биде едноставно, кога може комплицирано – така е позабавно). Како и секогаш, кратењето не чинеше 30 минути подолго пешачење и многу, многу, трње, грмушки, гранки и камења по нозете и телото. Стигнуваме на асфалтот, а таму, на последните зраци на денот, ѓубрето свесно оставано со години, а можеби и децении, како да доби посебно, главно, место во целиот пејзаж. Дури и неколкуте Шарпланинци кои не пречекаа наликуваа на кучиња-скитници а не претставници на врвна кинолошка раса.

Исклучително стрмниот падински спуст од Мал Турчин

Мерачење по вакуфската траса

Враќање на Попова Шапка

…..колку повеќе се фокусираме на чудата на природата, толку помалку време за деструкција ни останува….Очигледно, многумина дошле овде а не виделе ништо…..

П.С. Во меѓувреме, ги добивме и фотографиите од „авторите“ на погоре споменатите скијачки траги на стрмната падина од Мал Турчин – како што претпоставуваме, направени од нашите пријатели Методиј Чилиманов и Маја Мухиќ, со нивниот „компањеро“. Бујрум и тие фотки.

Текст: Рубин Николоски

Фотографија: Александар Еленин

950 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *