Мусала – тронската гордост на балканските висови

Да се биде на врвот не е само состојба на телото, туку многу повеќе и настројба на духот, ментална опстојба која го дразни чувството за високи дразби, за силни дразби, чувството за стремеж кон висините, за копнеж по божественото во нас. Оти на чоека му е најблиска божественоста, а сепак толку далечна, толку мистично недофатна. И при таа песимистичност на духот во моментите на слабост, посегнуваме по висините – и оние материјалните, врвично настроени пред нас, и оние личните Врвови, длабоко извишени во нас.

Материјализирање на врвичните стремежи – насекаде околу вас кога сте на торжествената Рила

Врвот е местото каде симбиотично се поврзуваат хоризонталата на секојдневието и вертикалата на соништата, на посегнувањата кон совршенството кое постојано го бркаме, мислиме дека ни е на дофат, и постојано го промашуваме оти истото и не постои. Истото е само проекција на нашиот идеал, таков – несовршен, но искрен. Кога на врвот стапнуваме со искрени стапки, тогаш благоста е појавната гостопримливост која се вгнездува во духот, дури и кога телото го искушуваат силите на природата.

Природната убост и дивост на Рила не ве оставаат рамнодушни

А кога стоите на балканскиот планински трон материјализиран во карпестата гордост на мусаленските стени на кои природата со најфина рака го филигранизирала рилскиот карпопис, тогаш, освен благоста, низ вашите дамари тресе како понорна енергија и моќта на чувството на удобна вгордеаност со престолот на Балканот. Мусала и вие сте изедначени во една енергична точка која се материјализира преку голата убавина на строгите карпи, и повторно се дематеријализира преку размената на енергии кој станува чиста мисла. Мисла за врвот, моментална обесконеченост на миговната конечност кога сте сами на врвот, сами со врвот. Такви се чувствата, исто како и овие зборови – контрадикторно оксиморонски. И затоа на емоциите им е тесно во зборовите.

Кинис низ боровечките зимзелени горштаци

На Мусала не се тргнува за да се стигне, на Мусала се тргнува за да се возвишите со врвот и кон бескрајот на облачноста врз чистата небесна синевина. Кога ќе ве испратат силните мириси на иглолисните титани над Боровец, бидете сигурни дека добрата мисла и кротката нарав ви се спакувани во чиста природна енергија која ве облагородува од самиот старт и која треба да ја негувате до самиот врв. Сето поинаку е недоволно чесно, недоволно достојно – како кон планината, така и кон самите себе.

Иницијација во шумскиот спокој

Сведоштво на човечката маленост – Природата е огромна, човекот мал

Убавина која ги надрочува сетилата со возбуда

Бидејќи, кога ќе излезете од боровиот шумски раскош, комбинациите од речните текови, брзаците кои ги галат и вајаат камењата по течението и силните странични импресии на планинската масивност ќе бидат ново ниво на дразба на духот. А кога ќе се сретнете со езерската смиреност среде карпестиот восторг – тогаш вашето „јас“ и она на планината се една сила, една дума, еден дух и пулс.

Питорескни пејзажи насекаде

И шумски диви убавици

Од Мусаленско до Ледено езеро, водата е нов, животворен и креативен момент во магичниот коктел од дивост и убост, течна божественост која му дава живот на ладнокрвниот карпест пејзаж. Езерската бистрина е огледало на планинската кристална душа, која проникнува и низ вашите духовни сфери.

Сплотување со планинската раскошност

Филип на Мусаленско езеро

Езерската тивкост е најгласна меѓу карпите

Поглед на опкружувањето на домот Мусала од патеката кон Ледено езеро и врв Мусала

Вашата маленкост наоѓа потврда на секој чекор

Мусала не е само највисок врв на Балканскиот полуостров. Мусала е многу повеќе од врв. Тоа е состојба на врвичност на сетилата, на мисловен и телесен суперлатив на постоењето во еден миг, на едно место, во една точка. Од Мусала се враќате посилни, исполнети, импресионирани, облагородени, но пред и над сè, подобри како карактер, како ентитет, како луѓе.

Тука некаде веќе зборовите стануваат одвишни, а на емоциите им е претесно во зборовната форма

Со занесен молк

Импресивни контрастни дразби

Занесен(а) молчи…

Елена и Филип кон Мусала

Гребенска строгост како последна иницијација за врвичноста

Епска, надреална убост

А кога си на врвот…

Ни – да, ни – не…

Сè ќе ти каже шепотот на ветрот…со Туманоски, Јовчески и Спиркоска на тронот на балканските висови

Возвишеност

Адреналин кон Мала Мусала

Импресивноста на Маришки цирк

Спокој на Мала Мусала, со Мусала во позадина

Рила – грандиозна

На Трионите

Ноќното лице на Мусала

Силни дразби како провокација за повторно навраќање на оваа импресија

Убавина на која се навлекува и телото и духот

Текст и фотографија: Александар Еленин

1,295 total views, 1 views today

  1 comment for “Мусала – тронската гордост на балканските висови

  1. Zlatko
    April 18, 2017 at 3:49 pm

    Aleksandar, site tekstovi se prekrasni (i onie za Shar Planina, i onie za Momata, a posebno ovoj za Rila i Musala. Sme bile na Vihren i Musala so mojata sopruga Vesna na 6 oktomvri pred dvaesetina godini. Pa, mi gi razbudi spomenite. Aleksandar, dali so tebe i so Rubinco se sretnavme na Pelister zimava koga vie se vrakjavte od kaj Lovecka, a jas trcav nagore? Vo sekoj slucaj blagodarnost za prekrasnite tekstovi i fotografii.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *