По стапките од Momata Rock Trail – залезно воспевање на планинската убост

Кога ќе кинисаш од преддворјето на селчанскиот манастир Свети Димитриј, скрасен среде газираниот боров воздух во подножјето на Селечка Планина, во близина на Прилеп, после патеката низ шумскиот појас, пред тебе се отвора раскошното гостопримство на планинската красотија.

Иницијација во красната Селечка

Карпи, ниски шумести предели, повторно карпи, проблесоци на симпатични лединки, а меѓу сите нив, стамена и вгордеана – карпестата убавица Момата (кај прилепчани позната и како Чупата, а според некои и Индијакната). Осамена, а сепак не сама, загадочно молчалива, мистично загледана во само за неа знаен хоризонт, ќе ве пречека и освои со својата „студена карпеста топлост“. Ќе ве шармира, ќе ве заведува малку и на крај ќе ве испрати со благослов за уживање во планинските дразби со сите сетила.

Нагоре, кон домот, Устрелец и Ќуле

Красна глетка кон Прилеп, Маркови Кули, Златоврв, во позадина и Солунска Глава

A оттука, нагоре, по динамична патека со возбудливи глетки кон Прилеп, околните побратимски врвови и карпести дивости, полека, но сигурно, трасата ве води кон планинарскиот дом „Томе Темелкоски“. Качувајќи се, погледот ви ги гали рабовите на Ќуле и Устрелец, во шумата (која кога е распролетена е вистински тунел на ладовинка и свежест) ве мами планинарскиот дом изграден со огромен самоиницијативен ентузијазам од страна на чичко Томе, легендата на оваа патека и планина.

Карпеста дијалогична попатност кон планинската и духовна врвичност

Врвот Ќуле

Устрелец

Раскошен поглед кон соседната карпеста и врвична дивост, најназад наѕира и Шара со Враца

Кон планинарскиот дом, низ шумскиот тунел

Планинарскиот дом „Томе Темелкоски“ – вистинско мераклиско уточиште за починка и уживање во раскошната панорамска глетка кон Прилеп и околината

Од домот, по ваш избор, имате можност да ја следите патеката на Momata Rock Trail која се спушта кон месноста Казанташ, па потоа нагоре, да се искачувате кон врвот Ќуле, да продолжите од Казанташ надолу, кон подножјето на Селечка, или да го скратите обиколното искачување на Ќуле кое го инкорпорира тркачката патека и да качувате кон врвот веднаш после напуштањето на домот.

Кон Казанташ

Шумска мистика на зајдисонцето

Делницата кон сртот

Панорамска дразба која восхитува

По симнувањето накај Казанташ, и искачувањето на обиколната делница кон Ќуле, се излегува на самиот срт од каде се отвора импресивен поглед кон „згаснатиот вулкан“ Мариово со сета своја знајна и незнајна убавина. А во далечината се извишува и епскиот Кајмакчалан. Искрената интеракција со планината нема да ве остави рамнодушни, туку ќе ве облагороди со спокојна возбуда и скокот во најкревкото чувство за возвишеност и врвичност.

Поглед кон дел од Мариово со Кајмакчалан во позадина

Кајмакчалан ги полни зениците

Следејќи ја патеката која ја среќавате на самиот срт, можете да ја заобиколите врвичноста на Ќуле, минувајќи под нејзиниот восторг, па потоа со едно „полукружно“ свртување кога ќе го оставите Ќуле зад вас, почнувате да се спуштате кон поврзувањето со истата патека која ве води до домот и понатаму. Во случај да имате желба, време и енергија, можете да продолжите право по патеката, со што се поврзувате со целосната траса на Momata Rock Trail, која можете да ја испешачите во целост, повторно завршувајќи пред манастирот Свети Димитрија, но со едно обиколно и импресивно планинарско искуство и разглед на планинската убост.

„…за сè друго, занесен молчи“. (Мухиќ)

Врвичноста на Ќуле останува зад вас

А додека се спуштате надолу, залезот ги гали сите сетила и буди емоции на спокој. И тука некако, како вечна вистина се наметнуваат стиховите од кратката, но премудра и длабока поетска творба на еден вистински горштак и планинец, филозофот и поет Ферид Мухиќ:

„Кон Планината

Не смееш со остро око.

Кон висините стремиш – не одиш во бој !

Со благост сонувај, разбуди се здрав

Низ твојот поглед нека завиори сокол

Кон Врвот се стасува со добрина,

со дарот на најубавата нарав“.

Денот завршува кога ноќта ќе ги раскрили своите сомнабулични сенки врз земската опстојба, а планинската дразба кога ќе се стишат думите во глобочината на сонот. Оти, планината ве дразни и гали, смирува и вознемирува, возбудува и облагородува, додека го носите во себе живото искуство на танцот со нејзината настројба, која станува ваша состојба. И ве крепи и храни до следното вишување.

Текст и фотографија: Александар Еленин

929 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *