Трескавец – порака постара од времето, посодржајна од просторот

Да се изгради дом посветен на Мајката Божја, блиску до небото ама и блиску до луѓето, оддалечен од земските искушенија а сепак достапен за сите добронамерници, скромен, но духовно раскошен…звучи како прилично невозможна задача…но, само за оние кои не биле на Трескавец.

Соочувајќи се со предизвикот, локалните градители, според една од легендите за манастирот потпомогнати од некоја чудесна сила, биле упатени кон локацијата каде уште векови пред нашата ера постоеле божествени светилишта – на карпестиот терен под врвот Златоврв. Опкружен со поетска сценографија и под вечна заштита на скаменетиот Лав, во 13-тиот век бил подигнат манастирот Успение на Пресвета Богородица -Трескавец.

Приказната на манастирот Трескавец, како и секоја вистинска приказна, е исполнета со мистика, факти, многу подеми и падови. Науката не е до крај прецизна, но последните истражувања на неговото опкружување упатуваат на тоа дека овој локалитет во минатото не бил само светилиште, туку цела населба. Се верува дека околу Трескавец, можеби цели 8 века, растел и се развивал утврден антички културно-религиски центар наречен Колобаиса кој археолозите допрва детално треба да го истражат.

Она што со сигурност денес може да се потврди е дека манастирот е изграден и фрескоживописан пред околу 8 века. Народот го нарекувал Трескавец поради големиот број на громови кои удираат на возвишението над него а еден од античките храмови кои постоеле тука дури и бил посветен на грчкиот Бог Аполон, кој пак во митологијата бил познат и како Громовник. Манастирот Трескавец одсекогаш бил поврзуван со монаси и монашки живот. Една од легендите за него раскажува приказна за царица која придружувана со голема војска посакала да влезе во манастирот, но, монашкото братство тоа не го дозволило. Својата решителност монасите ја платиле со живот а од нивната крв се изродило чудовиште кое долго време никому не дозволувало нити влез нити излез во самиот манастир. На денот кога се слави Богородица, удрил силен гром, го убил аждерот а манастирот бил ослободен. Денес, единствениот жител на Трескавец, Отец Калист е негов ведар домаќин, заштитник и градител.

За огромната почит кон Трескавец на сите низ историјата, без исклучок, потврда е тоа што манастирот Трескавец има оригинален султански ферман со кој тој се ослободува од данок и кој му забранува на сите турци да го сквернават манастирот односно да се однесуваат кон него со почит и чест. Во текот на 19 век, околу манастирот подигнат е конак со средства кои ги донирале сите еснафи во градот Прилеп а во кои имало припадници на многу народи, вери и националности.

Инспиративноста на Трескавец е вградена од неговите рачно изработени артефакти како што се Царските Двери, влезните порти, иконостасниот крст, певницата, иконите, муралите. Манастирот, во доцниот среден век имал една од најактивните препишувачки школи а подоцна тука постоело и училиште.

И природата наоколу не била штедлива па создала перфектни творби кои го одземаат здивот. Околината на Прилеп вклучително и на Трескавец, во еден поширок опфат, е специфична гранитна структура која во геоморфолошка смисла го издвојува овој дел од Балканскиот Полуостров од се друго. Природните форми на тлото заедно со климатските карактеристики му го носат на Прилеп епитетот за најдобра локација во Европа за спортови како болдеринг, алпинизам и параглајдинг.

До Трескавец водат неколку патеки од кои онаа по источната страна е најстара и сама по себе претставува културно-историско богатство. На одредени точки, оваа патека е поплочена и има ширина меѓу 2 и 4 метри. Сепак, најексплоатираната траса за да се стигне до Трескавец е патеката која започнува од уникатниот гранитен монолит наречен Слон, па потоа преку преку Маркови Кули и тврдината на Кралот Марко продолжува кон историските локации од Втора Светска Војна – Наковална и Црвени Стени и завршува кај самиот манастир. Доколку досега воопшто не сте го посетиле Трескавец или пак сакате одново да ги запознате сите негови културни, историски и геоморфолошки особености на манастирот и неговата околина, ЗАПС Единак Ви стои на располагање за организирање на тура: планинарска, велосипедска или со автомобил.

Иако манастирот е посветен на Успението на Пресвета Богодорица, тој и тоа како го слави животот и убавото во него. Дојдете и уживајте.

Текст: Рубин Николоски

Фотографии: Александар Еленин

1,008 total views, 2 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *