Јумрија – карпестиот личен каршилак на вгордеаниот Златоврв

Кога си на Јумрија, копнееш за Златоврв и со поглед го галиш неговиот строг карпест восторг, се стремиш кон него, додека настројбата ти танцува низ карпестиот раскош и импресивни каменести форми на неговиот понизок, но ништо помалку достоен каршилак по планинска убост и дивост.

Дијагоналите на Единак – поглед од патеката за Јумрија

Јумрија е карпесто извишување кое доаѓа како некој вид на пониско продолжение на златоврвниот масив на потегот од Трескавец кон Зеленик и Маркови кули. Ако кон Трескавец и Златоврв се упатите преку осаменото врвче Јумрија, ќе доживеете една сосема поинаква врвична иницијација и ќе го искусите овој огранок на златоврвскиот масив на поразличен начин.

Импресивен поглед кон Козјак

Секој планинарски љубител кој сака да го искуси ова преодно врвично извишение кога ќе се упати кон Трескавец и Златоврв, на седлото помеѓу Јумрија и Зеленик (поточно кај карпата викана Наковална), наместо по стандардната патека која по маркација води кон Трескавец, треба да скршне десно и нагоре, по една постара, но видлива маркација (за која ЗАПС „Единак“ во најскоро време ќе направи акција за ре-маркирање и чистење на патеката) која буквално ве „вози“ низ возбудлива комбинација од кротки лединик, строги шипови грмушки, прастари карпи и фантастични каменести форми и фигури.

Карпести форми на Јумрија

Карпестите композиции кои ќе се редат пред и околу вас оддаваат впечаток како демијуршката рака да ги расфрлила во некоја синхронизирана и хармониска распореденост која низ вековите го красела и ќе го краси овој каменит микрокосмос. Со еден поглед накај северо-исток, пред вас раскошно се распослани карпестиот комплекс Кукул со спокојната Камена баба. Во позадина е масивниот прилепски Козјак со убавината на својот соголено-суров извис.

„Црниот човек и птиците“

Кога ќе се искачите на една од највисоките точки на овој комплекс, ќе ве пречека како со рака насликаната од мов карпеста природна фреска на „Црниот човек и птиците“ (како што своевремено ја нарече нашиот драг пријател и фотограф Зоки). А тука се и „Вечните патници“, скаменети патувачи низ времето, карпеста морфологија која со својата енергија на spiritus movens ја облагородува душата со мотивација за вечен непокор и постојано грабање кон нови предизвици.

„Вечните патници“

После одминувањето на овој комплекс прекрасни капести композиции, следува највисоката точка на овој возвис, на пат кон спојување со стандардната планинарска патека. После мал спуст и уште едно мало искачување терен со масивни карпести монолити, патеката се спушта на благ терен преку кој се спојува со другата маркирана планинарска рута, истовремено нудејќи импресивен поглед кон Златоврв, Лавот, Желката и дел од манастирските ѕидини на Трескавец.

Импресивна карпеста текстура

Поглед кон Златоврв

На врвчето Јумрија

Карпеста морфологија

„Желката, Лавот и Златоврв, со Трескавец меѓу нив“

Текст и фотографии: Александар Еленин

274 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *