Влегување во новата авантура и предизвикот кој ве чека.

Сите вие кои сте трчале по асфалт, а не сте пробале со планинарење, сè уште не знаете што точно значи планинското трчање.

За планинското трчање не постои некоја општо прифатена дефиниција, но може да се каже дека тоа е спорт кој комбинира трчање и планинарење, каде што потенцијалниот тркач, односно планинар, е значајна компонента во тежината на патеката. Кога веќе се спомнува патека, кај овој спорт се мисли на онаа патека која се наоѓа надвор од цивилизација, планинарска патека или кај нас позната како козја патека.

Постои уште една терминолошка категорија ( најчесто планинарска)  како составен дел од овој спорт, а тоа е денивелација (отстапување од нормалното ниво). Во овој случај се мисли на теренот. Денивелацијата претставува вредност која што не самата по себе може да се менува, а од тоа зависи дали ние ќе дејствуваме за таа да се промени. Во однос на нашата почетна точка за која имаме тенденција да ја промениме, таа денивелација може да биде позитивна или негативна. Најчесто се означуваат со D+ или D-.

Значи, за да го прифатите овој спорт, неизбежно е да излезете надвор, да појдете до подножјето на најблиската планина, рид или било каков масив кој што отстапува од нивото на градот во кој живеете, насочете се кон една патека и едноставно пробајте да трчате. И се разбира, овој совет не го прифаќајте сè додека не стекнете основна физичка и кондициска спремност како и искуство во движење на планина.

Пешачењето во планина од една до друга точка бара кондициска спремност, но со планинското трчање влогот се зголемува најмалку три пати. Оттука, нештата кон движењето и планината се менуваат во истиот момент кога сме решени да излеземе на тренинг во планина. Нормално, кај планинското трчање доаѓа до израз и психолошкиот момент, што значи дали ние сме спремни да поминеме одредено растојание од една до друга точка за многу пократок временски период отколку што ни е потребно истото да го направиме  со пешачење. Планинското трчање е спорт како и секој кој бара голема посветеност, дисциплина, тренинзи, опрема и правилна исхрана. За истото ќе можете да прочитате подолу.

Доколку планирате да започнете со планинско трчање, мора предходно да имате цврста основа во трчањето на асфалт, затоа што едноставно е невозможно да започнете со трчање на нерамен дел, посебно ако се во прашање угорнините. Не велиме дека не постојат исклучоци, но олеснителните околности со сигурност можеме да кажеме дека произлегуваат од трчањето по рамен терен. Таа транзиција од асфалт во планина може да се каже дека не е лесна, затоа што се работи за активирање на други мускулни групи и друга техника во движењето на нозете и рацете. Трчањето во планина или по различни угорнини може да биде полесно само доколку перформансите ги зголемувате со специфични тренинзи.

Трчањето по угорнини вклучува енергични вложувања од сите екстремитети на вашето тело и од кардиоваскуларниот систем. Прв и најважен предуслов за трчање по угорнини е поседување на висок аеробен капацитет. Најголемиот капацитет на белите дробови за користење на кислородот  се нарекува максимален аеробен капацитет (VO2 max). Колку е поголем капацитетот, личноста е во подобра форма. Сето ова не е недостижно, само зависи од вас дали сакате да започнете да трчате во планина, а придобивките кои произлегуваат од сето тоа се скапоцени.

1.Постојат повеќе сегменти за кои треба да посветите внимание пред да одите на трчање во планина: Не секоја планинарска патека е иста. Може да се каже дека планинското трчање претставува забавен спорт токму заради тоа што секоја планина си има свој уникатен терен и предизвик. Постојат патеки со многу пречки како што се камења, дрва, мали ритчиња, песок, кал и уште многу други појави и фактори кои ги прават комплицирани. Доколку не постојат пречки, тие патеки имаат тенденција да бидат попредизвикувачки и нудат динамично трчање.

2. Обидете се да пронајдете патеки кои се во ваша близина. За почетни тренинзи најдобро е да се движите по локални патеки. Така можете најбрзо да го прифатите предизвикот и да размислите дали би продолжиле да трчате по најблиската патека. Како што поминува времето со градењето на искуство, тогаш доаѓа до израз авантурата  односно барањето на нови патеки и предизвици.

3. Помислете на вашата безбедност. Пред да отидете на тренинг во планина, препорачливо би било да најдете другар или пријател кој ќе ве дружи за време на трчањето (се разбира доколку постои таков). Во спротивно, кажете му на некого каде ќе трчате и земете мобилен телефон со вас.

4. Рехидрирањето, исто така, е битен момент. Со вас понесете вода, овошје, бар-плочки и слични благи работи по ваш избор, затоа што не знаете колку време ќе ви треба за да го завршите тренингот.

5. Техниката на трчање се гради со времето поминато на тренинзи. Движењето на рацете претставува значаен момент во динамичното трчање. Поставувањето на рацете и лактите пошироко овозможуваат подобра рамнотежа во совладувањето на техничките терени. Користете кратки и брзи чекори во совладувањето на угорнините. Движењето и чекорите се многу поразлични во однос на трчањето на асфалт, затоа што во планина треба да совладувате камења и угорнини.

6. Одморот кој сите го посакуваме. Со трчањето во планина посебно на угорнини и по технички патеки, вашето тело ќе биде изморено повеќе одколку што сте очекувале. Со трчањето на асфалт се чуствува физичката истоштеност, но планината тоа ќе ви го врати во двојна мера.

Се надеваме дека овие неколку совети ќе ви помогнат да започнете со нови авантури во планина. Со трчањето во планина ќе ја пронајдете слободата и секогаш ќе се навраќате по нејзе. Сакајте ја планината, затоа што само преку нејзе можете да го негувате вашето тело и ум.

Човекот е мал, планината е голема, тој е на врвот, планината е со него.

Текст: Филип Туманоски

825 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *