Од личен агол: Трчањето како „превозно средство“ – преиспитување на карактерот и можностите

Ако предизвикот да се стигне што побрзо од една точка до друга е перманентен категорички императив на човечката цивилизација, тогаш нема што да правиме муабет, авионите, автомобилите и други брзи превозни средства одамна го газат времето во тој поглед, а нивниот прогрес не застанува тука.

Но, поривот и желбата за збогатено искуство, за реално чувствување на средината низ која се движите и интензивна интеракција со природата, тоа е копнеж и стремеж кој го нудат пешачењето и планинарењето. И, ако го одземеме велосипедизмот, поточно велосипедот како превозно средство кое на уникатен и својски начин нуди уживање, рекреација и интеракција, меѓу брзиот транспорт и пешачењето останува трчањето. Трчањето како „превозно средство“ (ова не во вулгарна смисла на зборот, иако и во неговото елементарно значење и тоа како има поента) и како уживање, кое нуди нешто помала, но сепак интензивна и динамична интеракција со природната средина. А особено планинското трчање, кое со својата своевидна идеолошка транспозиција на менталениот во телесно-физички капацитет на една личност, ги издига телото, духот, карактерот и психо-физичкиот потенцијал на тркачот на едно повисоко ниво на можности.

Кој што сака нека каже, не верувам дека постои тркач кој барем еднаш трчал по планински терен, по планинарска патека, и при тоа искуство не ја почувствувал моќта на забрзаното совладување на просторот. Кој не се импресионирал од возвишеното чувство при сигурно и одлучно газење на патеката со забрзан чекор, побрзото разминување со околните планински ентитети (шумски предели, карпести појаси, должини и висини), восхитувајќи се на минималистичкиот телесен допир со природата, наспроти максималната духовна размена на енергии која се случува при ваквата ментална, духовна и телесна дразба.

Планинарењето, недвосмислено, го нуди најубавото и најавтентично влијание на природата врз човекот, како и најубавото искуство и уживање на човекот во планинската, дива средина. Го кали карактерот, го зацврстува духот, ги издигнува и прочистува душевните сфери, го изострува менталниот капацитет и ги избиструва мислите. Но, трчањето нуди нешто повеќе од тоа, друго ниво на себеосознавање, на себеспознание. Го нуди преиспитувањето на оној планинарски искален карактер и на волјата, на телесните и менталните капацитети, на духот и себеперцепцијата, истовремено со силно влијание врз нивниот развој.

Колку и да звучи претенциозно, планинските тркачи со трчањето добиваат еден поинаков увид во своето себство, во највнатрешното јас кое ги инкорпорира сите сегменти на постоењето на еден субјект – од општествениот, социјалниот, па до метафизичкиот. Секако, доколку во трчањето се вложува целокупната личност на еден човек. Или барем такво е моето скромно искуство од тркачките и планинарски поминати километри. Преку напорот, физичкиот, менталниот и духовниот влог во една тркачка планинска тура, истовремено, се преиспитуваат и личните светогледи, животни погледи, сфаќања и видици. Тогаш и таму, доминантна улога има духот, се превреднува карактерот, се развива најдлабоката личност.

Планините, патеките, висините и врвовите биле тука и пред нас, ќе бидат тука и кога нас ќе нè нема. Наш е изборот дали секој пат од нивниот свет ќе заминуваме психички посвежи, иако телесно уморни, духовно пободри, иако физички можеби и скршени, подобри, поубави и поблагородни. Дали ќе заминеме како поголеми луѓе од она што сме биле претходно – изборот е секогаш наш и само наш.

Текст и фотографии: Александар Еленин

729 total views, 1 views today

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *